<<<PAGE_START {"PDF_PAGE":319,"PDF_LABEL":null,"METHOD":"native","REVIEW_REQUIRED":false,"SOURCE_PDF_SHA256":"543728e01b65fb92a6187f51db802eb3e312fa6c9f217a3bb204be095386fdc2","SOURCE_LINK":"plan.pdf#page=319"}>>>
            Просторен план на Република Северна Македонија  – Нацрт план


      · Правилен избор на видови и сорти, заштитни мрежи и примена на органско
       земјоделство,

      · Засадување на култури кои имаат потреба од помала/поголема количина вода во
       регионите кои се посиромашни/побогати со вода, соодветно,

      ·  Развој и унапредување на системот за следење на болестите заради заштита         на
       растенијата ;

      · Одржливо управување со почвите (обработка на почвата и мулчирање).

      Шумарство

      Во шумарството ќе се очекуваат директни нарушувања, како резултат на појавата на
обилни врнежи и индиректни, како последица на инвазија на инсекти и габи, кои ќе
предизвикуваат тешкотии во управувањето и користењето на шумите.

      Во основа, потребно е да се зголемат површините под шума и да се спроведат итни
мерки на заштита во услови на шумски пожари: новите површини да се засадуваат со видови
прилагодливи на новонастанатите климатски услови, да се практикува пошумување со
засадув ање на мешани култури, правење противпожарни просеки и др. Неопходни се и
мерки за сузбивање на растителните болести и штетници во шумите, како и воведување на
современи технологии за ефикасно користење на биомасата во шумарството.

      Води

       Влијанието на климатските промени врз водните ресурси ќе зависи во голема мера
не само од условите во водоснабдувањето, туку и од способноста за управување со водните
ресурси и соодветен одговор на климатските промени, како и на промените во
побарувачката, применетата технологија, економските, општествените и законските услови.

      Како последица на климатските промени се очекува намалување на врнежите од 15%
до 2050 година и драстично намалување на истекувањето во сите речни сливови, особено во
Брегалничкиот и Струмичкиот речен слив во Југоисточниот плански регион. Генералната
достапност на водата ќе се намали за 18% до 2100 година, сувите периоди и ненадејните
поплави ќе бидат почести и повеќе изразени, а недостигот на вода ќе биде најизразен во
источните делови од земјата. Мерки за ублажување на влијанието на климатските промени
врз водните ресурси се:

         · Модернизација на системите за наводнување и примена на методи за наводнување
       со поголема ефикасност (наводнување капка по капка, наводнувањето со дождење);

         · Примена на најдобро достапни технологии  за рационално користење на водата;

         · Повеќекратна употреба на пречистените отпадни води.

      Биолошка разновидност

       Климатските промени се сериозна закана за биолошката разновидност бидејќи
видовите еволуирале за да живеат на определена клима и честопати не можат да се
адаптираат на повисоките температури, почестите суши и поекстремните временски услови.
Токму поради ов ие сложени односи во екосистемите, миграцијата или исчезнувањето на
некој вид неизбежно ќе ги изложи на ризик и останатите видови.





                                                                              273
<<<PAGE_END {"PDF_PAGE":319}>>>
