<<<PAGE_START {"PDF_PAGE":101,"PDF_LABEL":null,"METHOD":"native","REVIEW_REQUIRED":false,"SOURCE_PDF_SHA256":"543728e01b65fb92a6187f51db802eb3e312fa6c9f217a3bb204be095386fdc2","SOURCE_LINK":"plan.pdf#page=101"}>>>
            Просторен план на Република Северна Македонија  – Нацрт план

усогласи со регионалните економии, зголемувајќи го учеството на индустријата во
креирањето на БДП.

       Погледнато од организационен аспект, најголем број активни деловни субјекти
(околу 30,4% од вкупниот број) во македонската економија во 2020 година се концентрирани
во секторот трговија на големо и мало, поправка на моторни возила и мотоцикли. Значителен
дел од вкупниот број претпријатија се во дејностите: преработувачка индустрија (11%),
стручни, научни и технички дејности (10,5%), како и во транспорт и складирање (7,7%).

     Што се однесува до распределбата на активните деловни субјекти по дејности и
гранки и според нивната големина, може да се заклучи дека во сите дејности највисоко
учество имаат претпријатијата со вработени во рангот 10  -19 (со исклучок на претпријатијата
во дејноста јавна управа и одбрана и задолжително социјално осигурување). Големите
претпријатија (со над 250 вработени) бележат ниско учество во структурата на македонската
економија. Тие имаат највисока застапеност во дејностите јавна управа и одбрана и
задолжително социјално осигурување (10,4%), како и во снабдување, одведување на отпадни
води, управување со отпад и санација на околина (4%).

      Според вредноста на бруто додадената вредност (БДВ), најзначајни сектори во
периодот 2010 -2022 година се услужните дејности (пред сè трговијата на големо и мало) и
преработувачката индустрија. Трговијата (која ги опфаќа трговијата на големо и мало,
транспо ртот и складирањето, како и услугите за сместување и храна), претставува една од
најзастапените дејности, со учество во БДВ на ниво на национална економија од 18,08% во
2010 година, и 22,19% во 2022 година. Оваа дејност е просторно распространета низ сите
урбани центри, особено во поголемите градови, поради поттикот што го има како резултат на
концентрацијата на населението и консеквентно поголемата потрошувачка наспроти
руралните средини.

       Преработувачката индустрија, заедно со рударството, вадењето камен,
снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, се втората значајна група
на сектори. Нивното учество во вкупната БДВ во македонската економија во 2022 година
изнесува 19,06%. Преработувачката индустрија е распространета во сите региони и општини
на земјата, но со голема нерамномерност. Таа првенствено е лоцирана во урбаните подрачја,
а што се однесува до екстрактивната индустрија (рударството), јасно е дека се лоцира во
близина на природните рудни лежишта.

       Земјоделството, шумарството и рибарството исто така играат важна улога, со учество
од 11,73% во 2010 година, но со постепено намалување на 8,57% во 2022 година, што укажува
на процес на транзиција на лицата ангажирани во овие дејности кон други активности,    а во
исто време е индикатор за нивната недоволна ефикасност и ефективност.

       Дејностите поврзани со информации, финансии и недвижен имот забележуваат
постојан раст, одразувајќи ја потребата за услуги со поголема додадена вредност. Овие
сектори се особено значајни во урбаните подрачја каде постои побарувачка за технички и
финансиски услуги. Во однос на секторите јавна управа, образование и здравство, може да
се забележи дека одржуваат стабилен придонес на ниво од 13,62% во 2022 година.

      Македонското стопанство во голема мера е ориентирано кон услугите и
преработувачката индустрија, додека примарните дејности (пред сè земјоделството)
покажуваат умерен надолен тренд на учество во креирањето на БДВ. Ваквата структура
укажува на недоволно иск ористени капацитети и можности за зголемување на секторите со
висока додадена вредност, што би имало исклучително значење за подобрување на
изгледите за економски раст, намалување на регионалните диспропорции и подобрување на
конкурентноста на македонското  стопанство.

                                                                               82
<<<PAGE_END {"PDF_PAGE":101}>>>
