<<<PAGE_START {"PDF_PAGE":96,"PDF_LABEL":null,"METHOD":"native","REVIEW_REQUIRED":false,"SOURCE_PDF_SHA256":"543728e01b65fb92a6187f51db802eb3e312fa6c9f217a3bb204be095386fdc2","SOURCE_LINK":"plan.pdf#page=96"}>>>
            Просторен план на Република Северна Македонија  – Нацрт план

      Мрежата на терцијарни здравствени установи ја сочинуваат 6    државни и неколку
приватни специјални болници  .

       Социјалната заштита  во најширока смисла опфаќа збир на програми обезбедени од
државата, со кои се намалуваат последиците од општествено прифатените ризици како што
се болест, старост, инвалидитет, невработеност итн. Програмите вклучуваат различни
материјални бенефиции (надом ест за невработени, социјална помош, детски додаток и сл.) и
услуги (за стари лица, деца, семејство итн.).

      Во нашата држава, социјалната заштита се заснова на следните групи на програми:
материјална помош, услуги за социјална заштита и згрижување и воспитување на децата.

       Материјалната помош опфаќа парична социјална помош и детски додаток, во кој
спаѓа и посебен додаток наменет за деца со пречки во развојот до 26 години.

      Во РСМ постојат 12 институции за социјална заштита за стационарно сместување на
корисниците во државна сопственост: 5 домови за стари лица     (во Скопје, Берово, Прилеп,
Куманово и Битола) со капацитет од 544 лица и 25 приватни домови   (по еден во Неготино и
Радовиш и останатите во Скопје), со капацитет за сместување 632 корисници; 3 установи за
сместување на возрасни лица со одредени физички или ментални пречки во развојот со
капацитет од 319 корисници и 4 институции за стационарно сместување на деца.

      Предучилишно воспитување и образование

       Системот на предучилишно воспитување и образование го сочинуваат предучилишни
установи/градинки и центри за ран развој на деца (кои реализираат      скратена форма на
работа за престој на деца од 3      -6 години). Мрежата на институции     се состои од 73
предучилишни установи/градинки во државна сопственост, 32 приватни градинки и три
центри за ран развој на децата (две институции во државна и една во приватна сопственост),
четири градинки како дел од приватни училишта кои имаат статус на   правно лице и по една
градинка како дел од правно лице за потребите на вработените во државен и приватен имот.
Бројот на институции во државна сопственост е зголемен за пет, а во приватна сопственост
за осум институции од 2018 до 2022 година.

     И покрај константното намалување на бројот на деца од предучилишна возраст (од
180.030 во 2011 година на 140.250 во 2021 година), бројот на деца запишани во
предучилишните установи постојано се зголемува. Во 2011 година во предучилишни
установи биле запиша ни 25.056 деца, до 2021 година бројот на запишани деца е зголемен за
околу 24% (за 6.237 деца, односно вкупно запишани 31.293), а во периодот 2021 -2022 година
е забележан пораст од околу 15% (за 4.639 деца, односно вкупно запишани 35.932 деца). Од
вкупниот број деца во градинките/центрите за ран детски развој во 2022 година, 95,9%
(34.474) престојуваат во институции од јавниот сектор, а само околу 4,0% (1.458 деца) во
приватни установи.

       Главниот предизвик во развојот на системот за предучилишно образование е
недостатокот на капацитет (во 2023 година, околу 14% од децата не биле примени поради
пополнети капацитети, а околу 13% од децата биле примени надвор од капацитетот на
институциите) и  недоволно развиени програми кои треба да ги задоволат потребите во
населените места каде што нема предучилишни институции (патувачка градинка, патувачки
воспитувач). Најголем недостаток на капацитет бележат Југозападниот (30,5%) и Полошкиот
регион (29,4%)  , во кои исто така има голем број на одбиени деца поради прекумерен
капацитет (21,1% и 24,1% соодветно). Од друга страна, Пелагонискиот регион се издвојува со
голем број на деца кои биле одбиени поради пополнување на капацитетот (34,8%), додека
7,8% од дец ата биле запишани надвор од капацитетот.

                                                                               78
<<<PAGE_END {"PDF_PAGE":96}>>>
